Се прави план за враќање на пациентите – Таравари: Шестмина се во критична состојба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Четворица пациенти во Белград и двајца во Љубљана остануваат во критична состојба. Од друга страна, дел од оние кои се добро, иднава недела се враќаат во земјава.

„Пет од вкупно 115 пациенти идната недела ќе се вратат, ќе бидат прифатени во клиниките… во трите болници во Скопје, од каде што се испратени, а по направена тријажа ќе се констатира дали ќе треба да седат уште во болница или можеме да ги пуштиме веднаш дома.“, вели Арбен Таравари.

Сепак, на домашните клиники има нови пациенти.

„Има шест нови пациенти коишто не беа пријавени, се пријавени вчера во Клиниката за токсикологија и ги следиме, ги тријажираме.“, порача Арбен Таравари.

Здравствените власти укажуваат дека системот не смее да се опушти, зашто борбата ќе биде долга и постои можност за влошување на состојбата на пациентите.

„Како се намалува ризикот од акутните изгореници и респираторни повреди, почнува да расте ризикот од инфекции.“, вели Сашо Клековски.

Фондот најави дека ќе им излезе во пресрет на пациентите.

„Дадовме соодветни насоки да ги отстраниме ограничувањата за препишување на лекови и боледувања за засегнатите во трагедијата во Кочани и матичните лекари веќе ги имаат добиено насоките.“, додава Сашо Клекови.

Во план на властите е болница од внатрешноста на државата да биде специјализирана за неопходната подолготрајна рехабилитација на пациентите.