Вака изгледа почетокот на автопатот Кичево -Охрид.
Вака изгледаат првите 12 километри од автопатот во кичевскиот дел, од Крушино до селото Извор.
„Екипата на ТВ21 се наоѓа на автопатот Кичево-Охрид, но ние сме во делот на Кичево каде што се гради овој автопат за да видиме до каде се работите и како се одвиваат работите на оваа траса“, вели репортерката на ТВ21.
На овој дел од автопатот се работеше, а механизација можеше да се забележи насекаде.
Изградени се над 6 мостови кои се проодни. Заштитните огради се исто така поставени, а останатиот дел е ископан и се копа за потоа да се асфалтира. Голем дел од планинските страни се обезбедени за да нема одрон.
Се наближува рокот за доизградба на овој автопат. Остануваат уште 4 месеци до кога истиот треба да се пушти во употреба за возилата, но не се знае дали тоа ќе се постигне бидејќи, како што се гледа, иако се работи, има уште многу работа.
„Тоа што штотуку го видовте и го гледате е трасата од Крушино во Кичево до кичевското село Извор, а како што може да се види патот е речиси целосно ископан и е прооден. Има делови кои што треба да се асфалтираат, а сите мостови се изградени. Во селото Подвис т.е. подолу од тука е првиот тунел од овој автопат“, додава репортерката на ТВ21.
За да видиме како се одвиваат работите на целата траса на овој автопат Кичево – Охрид и каде се работи, контактиравме со ЈП „Државни патишта“, но одговор чекаме веќе неколку дена.
Останува да видиме дали 31 декември ќе биде денот кога возилата ќе се движат по овој долгоочекуван автопат и значително ќе се скрати патот кон Охрид и Струга или ќе се продолжи рокот за завршување на истиот, како што се случи изминатите години.
Инаку, работите за изградбата на овој автопат започнаа во февруари 2014 година, во времето на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а требаше да биде завршен до 2018 година. Но, изградбата доцни и во меѓувреме дојде новата влада. Според образложението на надлежните институции, одолговлекувањето главно се должи на решавање на имотно-правни прашања, грешки во проектирањето и други пропусти, како што се влезовите и излезите од автопатот. Со анекс на Договорот, рокот за изградба првично беше одложен за 30 јуни 2021 година, а потоа рокот повторно беше одложен за уште две години, односно до крајот на 2023 година. Според првичните проценки, изградбата на автопатот Кичево – Охрид требаше да чини 374 милиони евра, но по бројните дополнителни анекси достигна речиси 600 милиони евра.