Се сменија 17 министри, болницата не се изгради – во 1985 почнаа градежните работи, никако да заврши кичевската болница

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се сменија 17 министри за здравство од почетокот на градежните работи за изградба на новата кичевска болница. Министрите во последните 5 години даваа бескрајни ветувања, почнувајќи од Никола Тодоров, па се до актуелниот министер, Фатмир Меџити.

Прв министер за здравство кој ја посети оваа болница беше Драган Даниеловски во 1998 година, 13 години по почетокот на изградбата.

Од 1998 до 2015 година, објектот остана во фаза на карабин, а во 2015 година кога министер за здравство беше Никола Тодоров, во Кичево беше на посета и државниот секретар на министерството за здравје, Насуф Ипчја, кој вети дека ќе почнат градежните работи и дека во 2017 ќе завршат.

„Првата фаза на проектирање и изградба на болницата заедно со реконструкција на актуелниот објект е декември. А ние го подготвуваме и вториот оглас за тендер за да се стави во функција болницата во 2017 година“, вели Насуф Ипчја.

Во 2017 година дојде министерот Арбен Таравари, кој даде друг рок за завршување на работите, до 2019 година.

„Раководниот кадар во последните 15 години од албанската страна биле од Кичево и за жал овој објект не е завршен. Дојдов тука за да кажам дека поделени се средства и во 2019 година да заврши овој објект, некаде во март или април 2019 година и целата кичевска болница да се премести во новата болница“, вели Арбен Таравари.

Ветувањата не завршија тука бидејќи пред изборите секој министер и премиер доаѓа да се слика. И Венко Филипче даде ветувања дека болницата ќе биде завршена.

Ниту еден од овие министри не овозможи доизградба на новата болница во Кичево. Но, ветувањата продолжија и од страна на поранешниот министер Беким Сали во март 2022. Иако го нарече овој проект предизвик, сепак не направи ништо …

„Според податоците кои ги имам таму се работи, но динамиката на градежните работи не е на вистинско ниво, се уште не сум успеал да ја посетам таа болница, секако дека ми е еден од приоритетите кичевската болница  да почне да функционира и секако тоа е предизвик за мене“, додаде Беким Сали.

А последниот министер кој даде ветување пред неколку дена е актуелниот министер Фатмир Меџити.

„Ние сме во разговори и ќе дадеме се од себе оваа болница да започне, всушност да ја обновиме, некои работи се направени, дел е оштетен според информациите кои ги имам, но ќе се потрудиме оваа болница да стане реалност за кратко време”, вели Фатмир Меџити.

Можеби е тешко да се поверува, но факт е дека оваа болница почна да се гради во 1985 година.

Инаку, старата болница во Кичево работи во лоши услови и со опрема од времето на поранешна Југославија, а секоја година се затвора по едно одделение поради недостиг на лекари.