УДАРНА ВЕСТ

Се смирија ли Новоматик и „Влен“? – Обвинија за „кражба“ на 10 милиони евра, а сега молчат

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Дали коалицијата „Влен“ и Новоматик постигнаа мир по обвинувањата за кражба на 10 милиони евра преку јавна набавка на видеолотариски терминали? Пред повеќе од еден месец, на прес конференција пред Јавното обвинителство, коалицијата побара формирање предмет по допрен глас за оваа набавка. Сепак, сега велат дека не дејствувале само по допрен глас, туку дека поднеле целосна документација, но сè уште немаат добиено одговор. Нејасно е каков одговор очекуваат, бидејќи претходно рекоа дека не е поднесена кривична пријава.

ТВ21: Дали имате сознанија дека јавното обвинителство работи на овој случај или пак се откажавте од овој случај?

„Ние не се откажавме, но немаме никаков одговор од Јавното обвинителство. Ние тоа што го имавме го доставивме во Јавното обвинителство уште чекаме. Немаме одговор“, вели Саранда Имери.

Побаравме одговор од Обвинителството. Прашавме дали е формиран предмет по прес конференцијата на „Влен“, колку предмети во моментов се водат за работата на Државна лотарија и дали компанијата „Хеј ДООЕЛ“ е вклучена во истрагите.

„Јавните обвинителства водат неколку постапки поврзани со Државна лотарија. По сите поднесени пријави известувања се постапува и се преземаат дејствија. Обвинителството не е во можност да споделува детали во која насока се вршат проверки и кои субјекти се опфатени“, велат од ЈО за ТВ21.

Побаравме конкретни одговори за обвинувањата од „Влен“ преку маил, но веќе трет ден од коалицијата и нејзините партнери нема одговор.

Коалицијата пред еден месец побара од Обвинителството да испита зошто, иако пазарната цена на еден лотариски терминал е 3.800 евра, истите биле набавени за 10.000 евра. Тие исто така прашуваа дали е дозволено да се спроведе јавна набавка, бидејќи компанијата ХТЛ е дел од австриската групација Новоматик, а НОВО ВЛТ, новата државна видео лотарија, ѝ доделила тендер од 3,7 милиони евра на странскиот партнер на Државната лотарија.

Тендерот го добила ХТЛ Македонија, која е косопственик на НОВО ВЛТ. Оваа компанија била единствениот понудувач на тендерот, што значи дека НОВО ВЛТ му го доделила тендерот од 19 милиони евра на својот косопственик – странскиот партнер на Државната лотарија.