Се уште нема одлука како ќе се држат испитите – матурантите од минатите години ќе можат да полагаат државна матура

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако студентите бараат испитите од јунската сесија да се одржат со физичко присуство, последниот збор ќе го каже Комисијата за заразни болести. Во моментов министерот за образование Арбр Адеми вели дека се уште е на сила декретот за спроведување на високото образование по електронски пат. 

„Дури и да одлучиме да се смени декретот кој е на сила, испитите да се држат со физичко присуство, истата ќе се одржи и ќе се организира по усвојувањето на протокол од Влада кој ќе биде предложен од Комисијата за заразни болести. Сите препораки за зачувување на јавното здравје и во такви околности ќе треба да се исполнат“, вели Арбер Адеми.

Во меѓувреме МОН објави дека на 30 јуни, 1,2 и 3 јули матурантите од генерацијата 2018/19 и претходните години ќе можат да полагаат државна матура.

„Само за тие ученици кои завршиле средно образование претходните години и кои од други причини не успеале да положат државна матура а навреме се пријавиле и пријавиле зошто им е потребно да подлежат на истата, што значи до декември се пријавиле за полагање државна матура“, додава Адеми.

Адеми исто така извести дека 100 илјади млади ќе бидат опфатени со економските  мерки за помош а оваа инвестиција ќе опфати 12 милиони евра инвестиција за младите. На улениците и студентите чии семејства се со ниски примања, ќе добијат по 6 илјади денари. Картички во вредност од 3 илјади денари ќе добијат студентите за купување домашни производи и по 30 илјади денари за млади до 29 години за обуки од курсеви од областа на ИТ и дигитални вештини.