Откако кажа „не“ за францускиот предлог на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, премиерот Димитар Ковачевски после тоа не беше виден никаде. Денеска новинарите едвај го запреа за да го прашаат – кој е конечниот став на Владата за францускиот предлог, имајќи предвид дека министерот Османи рече дека предлогот сѐ уште не е целосно отфрлен? Ковачевски уште еднаш повтори дека предлогот е неприфатлив.
Што се однесува до преговорите со Бугарија, вели дека сѐ уште нема никаков предлог прифатлив за Македонија.
А во однос на протоколот со Бугарија, вчера меѓусебни обвиненија си упатија сегашниот министерот Бујар Османи и поранешниот шеф на дипломатијата, Никола Димитров. Османи уверува дека досега Македонија има само еден Протокол со Бугарија и дека истиот бил потпишан токму од Димитров. Додава дека во Протоколот, Македонија го прифаќа бугарското гледиште кон Илинденското востание.
-Првата е дека го прифаќаме бугарското гледиште кон Илинденското востание, прифаќајќи ја номенклатурата “Илинден Преображение – востание”, создавајќи со тоа рамка во која Комисијата се очекува да делува, што, пак, создава тешкотии во нивната работа, но воедно и веќе создала преседан во односите со Република Бугарија, дека историските прашања може да ги решаваме политички, наместо да ѝ ги оставиме на Комисијата, вели Османи.
Османи додава дека овој документ веќе не е во архивата на МНР, алудирајќи дека Димитров намерно го зел со себе пред да го напушти министерството.
Но, поранешниот шеф на дипломатијата, Димитров во статус на социјалните мрежи напиша дека Протоколот е потпишан во 2019 година кога немало бугарско вето. Објаснува дека во македонската верзија на документот, Илинденското востание останува Илинденско востание и дека Османи неслучајно го објавил документот на бугарски јазик.
-Во македонската верзија на документот се разбира Илинденското востание е Илинденско востание и никако поинаку. Интересно што полесно сте нашле некоја бугарска верзија, отколку македонската. Мојот кабинет целиот фајл за прашањето со Бугарија го предаде на вашите луѓе. Зошто токму денес ви се губат документи од архива можеме да претпоставиме. Во мое време, архивата на кабинетот и на министерството беше педантно водена, рече Димитров.
Препукувања меѓу Димитров и Османи имаше речиси постојано откако Османи стана министер за надворешни работи.
