Официјално досега кандидатура за претседател на СДСМ единствено најави Димитар Ковачевски актуелен заменик министер за финансии.
Ковачевски не само што беше заедно на претходната средба со претседателот на Алтернатива Африм Гаши, туку тој и лично бил промовиран од лидерот на СДСМ Зоран Заев на седницата на Централниот одбор на партијата, со што се засилија тврдењата дека тој е фаворит на Заев.
Ковачевски не само што најави дека ќе се кандидира, туку тој веќе ги презентира и своите идеи за СДСМ.
„Јас кандидатурата ја подготвувам и ќе ја поднесам во текот на наредните денови согласно со роковите. Едно од клучните пораки е прво обединување на членството на Социјалдемократскиот сојуз меѓутоа и на симпатизерите. Сметам дека треба да се направи тим и сега Социјалдемократскиот сојуз на сите нивоа има квалитетни тимови кои што ја водат партијата меѓутоа секогаш можеме да вклучиме луѓе кои што ќе можат да дадат плус во додавање на нова енергија“, истакна Димитар Ковачевски.
Покрај амбициозните најави на Ковачевски никој друг досега не пројавил јавно амбиција за лидерската позиција на СДСМ. Министерот за здравство Венко Филипче категорично ја отфрла таквата можност.
„Не. Немам таков интерес“, вели Венко Филипче.
Ниту министерката за образование и потпретседател на партијата Мила Царовска не открива дали ќе се кандидира за претседател на партијата.
„Отворена е постапката, сметам дека за сите членови многу транспарентно имаат можност да се пријават. Целиот тој процес на демократски начин ќе се одвива во нашата Социјалдемократска партија“, додава Мила Царовска.
Во моментов течат роковите за поднесување кандидатури, на кој се уште никој не ја доставил својата кандидатура. Конгресот на СДСМ на кој ќе треба да се избере претседател на партијата треба да се одржи на 12 декември, а на истиот датум Конгрес ќе одржи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
