Се засилува кампањата за попис – „Ти си повеќе од бројка, учествувај“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со банери на веб порталите се засилува кампањата на Државниот заводот за статистика. Но исто така има спотови, патувања, директни средби, пораки од познати личности, повикување за масовно попишување. Секој ден се повеќе се засилува кампањата за пописот кој започна од 1 март, а ќе трае до 21 април.

„Кампањата за Пописот 2021 се базира на Законот за Попис 2021, глава XI член 45, и Комуникациската стратегија за Пописот 2021. За организација и спроведување на кампањата е ангажирана агенција преку јавна набавка на услуги – медиумска кампања. За оваа цел се обезбедени 3.623.058 денари од Буџетот за Попис 2021.“, велат од ДЗС.

Функционерите на СДСМ пред неколку дена почнаа со кампања за попис. „Ти си повеќе од бројка, учествувај“, со оваа порака власта ја тера кампањата за попис на дијаспорота. Премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за внатрешни Оливер Спасовски и други функционери ги сменија насловните страници на Фејсбук профилите и сега и тие апелираат граѓаните да се попишат. А пак владиниот партнер ДУИ интензивно преку видеа и директни средби во дијаспората апелираа за масовно попишување на албанската дијаспора.

Од друга страна функционери на ВМРО-ДПМНЕ на различни начини вршат отпор за пописот. Александар Пандов, објави дека попишувачите ќе ги избрка на клоци, додека пратеникот Антонио Милошоски вели дека ќе ги прими, но само доколку покажат дека се вакцинирани.

„Како родител на пет малолетни деца, како сопруг и човек кој според Закон за време на кризна состојба и епидемија е должен да го штити здравјето на најблиските, своето и здравјето на другите, нема да примам попишувач, доколку истиот не покаже книшка дека е вакциниран против Ковид19. Здравјето не може да се одложи, пописот може“., напиша Милошоски на „Фејсбук“.

„Да не сум видел попишувачи кај мене пред врата на клоци ќе ги дигнам“ – напиша Пандов.

Од Владата велат дека повикувањето на бојкот на пописот е кривично дело според член 387 на Кривичен законик.

„Тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“.-соопштуваат од Владата.

Инаку откако започна самопопишувањето на македонските иселеници во странство,околу 150 илјади лица ја искористиле можноста да се регистрираат во електронската апликација.