Едномесечно бебе е најмладиот пациент кој моментално лежи во Белодробната болница „Козле“, каде што се хоспитализирани вкупно 60 деца. Сезоната на грип значително го зголеми бројот на контролите, а докторот Филип Доксимовски вели дека дневно прегледуваат околу 150 деца. Најчесто погодени се бебињата и предучилишните деца.
„Доаѓаат со висока температура, интензивна и изразена кашлица која ноќе се засилува, потешкотии при дишење, свирење во градите – тоа се највообичаените симптоми во моментот.“, додава Филип Доксимовски.
Доктор Доксимовски додава дека има пациенти во потешка состојба со респираторни инфекции кои примаат кислородна поддршка. И покрај големиот број хоспитализирани, тој вели дека Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле, сè уште има капацитет за прием на нови пациенти.
„Да, имаме и пациенти во потешка состојба, со поизразено зафаќање на долните дишни патишта, на кои им е потребна кислородна поддршка. Сите хоспитализирани пациенти се оценети дека не можат да се лекуваат дома со орална терапија, туку им е потребен болнички третман и кислород.“, вели Филип Доксимовски.
Лекарите нагласуваат дека загадениот воздух дополнително ги оптоварува дишните патишта на децата, а есента е особено проблематична за деца со астма и алергии, кај кои може да се појават компликации. Од Болницата „Козле“ велат дека пикот на грипот сè уште не е достигнат и дека се очекува бројот на деца кои ќе побараат третман дополнително да расте.
