Се зголемува животинското семејство во зоолошката во Битола, пристигнаа пет нови жители

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зоолошката градина во Битола го збогати својот животински свет со пет нови жители, кои пристигнале благодарение на соработката со Зоолошката градина во Белград. Меѓу новите жители се африканската мачка сервал, був, свет ибис, берберска овца и американски ракун.

Од Зоо Битола информираат дека животните безбедно пристигнале во нивниот нов дом и веќе се сместени во соодветни живеалишта. За нивната состојба и адаптација се грижи ветеринарниот тим на зоолошката градина.

Од установата ја истакнуваат важноста на меѓуинституционалната соработка и размената на животни, кои придонесуваат за збогатување на животинскиот фонд, подобрување на условите за нивно чување и едукација на посетителите.

Во објавата на социјалните мрежи, Зоо Битола упати благодарност до тимот на Зоолошката градина во Белград за соработката, со која битолската зоолошка градина доби нови и интересни животински видови.

Оттаму ги поканија граѓаните и посетителите овој викенд да ја посетат зоолошката градина и да ги запознаат новите жители.