Талат Џафери како технички премиер не беше прифатлив за сите пратеници во Собранието. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, вели дека ДУИ законски нема право на премиерската функција бидејќи не освоила најмногу гласови на изборите. Тие го обвинуваат Џафери дека нема искрени чувства за Македонија. Милошоски најави дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за овој владин состав бидејќи, како што рече, функцијата премиер не треба да ја зазема партија полна со корупција.
Ова го демантираше првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Ахмети ги спомна тешкотиите низ кои поминал додека бил во средно училиште, кога му било ускратено правото да зборува на мајчин јазик. И сега со Охридскиот договор Ахмети вели дека сите заедно сме домаќини и дека ниту СДСМ ниту македонскиот народ не смее да се нарекуваат кираџии.
„Тој им се обрати на колегите дека наводно се сега потстанари, а Талат Џафери е сопственик на куќата. Не е точно, ниту вие сте потстанари, ниту колегите не се потстанари. Една е вистината. Охридскиот мировен договор му даде право на Талат Џафери да биде господар во својата земја и куќа“, вели Али Ахмети.
За Талат Џафери како технички премиер беа партиите Алијанса за Албанците, Европската демократска партија и Народното движење. Според нив, колку и да е симболична оваа функција, велат дека се поставуваат нови стандарди во државата.
„Колку и да е техничко, па и симболично, денес учествуваме на инаугурацијата на нов стандард и како учесник на овој момент се чувствувам среќен! Би сакал и работам на унапредување на овој стандард по мајските избори“, порача Елми Азири.
„Сакале или не, Албанците официјално се над 30%. Резиденти или нерезиденти. Тие се граѓани на оваа земја, имаат државјанство во оваа земја. Тие заслужуваат да се натпреваруваат за секоја позиција што ја има во оваа земја. Затоа, да се биде премиер макар и 100 дена е многу важна симболика и добро е да се биде дел од историјата на оваа симболика“, вели Скендер Реџепи.
На крајот на седницата Џафери заедно со неговиот владин кабинет беше изгласан со 65 гласа ЗА и 3 ПРОТИВ. Веднаш по гласањето во Владата, на 142 седница беа изгласани и замениците министри.
