На седницата за пратенички прашања, дебата и за албанскиот јазик. Од Европскиот фронт прашаа за законот за албанскиот јазик кој треба да се најде на седница на Уставниот суд со што обвинија дека со тоа се создава платформа против Албанците.
„Вие изјавивте дека никој не е против употребата на албанскиот јазик и дека оваа тема вештачки е создадена. Исто така изјавивте дека и покрај тоа што Уставниот суд оспорува 3 члена од законот за употреба на јазиците, албанскиот јазик нема да биде засегнат и според вас ова закон ни е донесен цитирам: како резултат на политички мускули“, рече Арбана Пашоли од Европскиот фронт.
Премиерот Мицкоски рече дека не се работи за платформа против Албанците, и додаде дека судиите кои се во Уставниот суд кои треба да одлучуваат за законот за албанскиот јазик, се оние кои тие ги избрале.
„Истите оние обвинители и судии кои што денеска треба да потпишат налог за претрес или приведување на некој за кој што постои основано сомневање дека сториле криминал и можат да влијаат на сведоци а добиваат дијареа, анксиозност, зголемена температура, несоница, треска и така натаму се истите тие кои што денеска се наоѓаат во Уставниот суд почитувана Арбана Пашоли и кои што вие ги гласавте“, рече Мицкоски.
Опозицијата преку прашање обвини дека актуелната Влада врши партизација на телата задолжени за надзор на електронските комуникации. Митко Трајчулевски од СДСМ рече дека власта на овој начин подготвува терен за повторно прислушување. Премиерот Мицкоски врати дека јавноста наскоро ќе слушне што правела претходната Влада со безбедносните служби, а лицата кои беа сменети од органите за надзор над електронските комуникации се членови на СДСМ.
„Грубата партизација на сите јавни должности чие менување или избор зависат од волјата на мнозинството продолжија и во Советот за граѓански надзор над следењето на електронските комуникации. Сите членови на ова тело се партиска испостава на владејачката коалиција, поранешни пратеници или истакнати партиски активисти. Или планирате повторно да прислушувате како во времето на режимот или сте почнале да се сомневате во довербата на граѓаните“, рече Трајчулевски.
„Многу скоро од денес, многу скоро верувајте и ќе се срамите и ќе излезете овде на говорница и ќе се извините. Затоа што во услови на фашистички режими не се следеле и прислушувале луѓе кои што водат опозициски партии и така натаму. Јас сум убеден дека можеби дел од последното раководство на СДСМ и не ни знаело дека тоа се случува“, изјави Мицкоски.
Сања Лукаревска од СДСМ постави прашања и за загаденоста во град Скопје и го праша премиерот Мицкоски зошто не се спроведува ништо од нивната програма за овој проблем.