Седница за разрешувања на Меџити и Алиу – Џафери: Не може да има две опозициски партии во техничка Влада

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Немам ништо против професионалниот дел на министрите Меџити и Алиу, рече техничкиот премиер Талат Џафери образложувајќи го предлогот за нивното разрешување. Како дополнително образложение наведе дека во техничката влада не може да има две партии од опозицијата, откако Таравари најави дека на изборите ќе оди со албанската опозиција. 

„Основата за разрешување се однесува на законската должност од Законот за Владата, каде што е наведено во состав на Техничката влада учесници во Влада освен мнозинството се и припадници на најголемата опозициска партија во Собранието. Според законот се вели дека не може да има два опозициски субјекти во состав на Владата“, вели Талат Џафери.

Од собраниската говорница се обрати и министерот за здравство Фатмир Меџити, кој обвини дека нивното разрешување е за партиски интерес на ДУИ, а посебно им се обрати и на СДСМ.

„Кога е во прашање разбирање на јавните функции колеги од ДУИ сме од различни планети и граѓаните ова го знаат. Сакам да им се обратам и на сите функционери на Социјалдемократскиот сојуз во оваа Влада. Размислете само колку е понижувачки за вас и вашите поддржувачи да бидете неми набљудувачи на ова што ДУИ го прави против интересите на граѓаните и на пациентите“, порача Фатмир Меџити.

Критики дојдоа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Антонио Милошоски предлогот за разрешување го нарече хипокризија бидејќи само пред 10 дена на изгласувањето на техничката Влада во експозето на Џафери беа искажани пофални зборови за министрите.

„Ова денес е една хипокризија во која што владејачкото мнозинство паролата европски фронт ја претвори во политичка карикатура, каде што пред 10 дена европскиот фронт фали двајца министри како најдобри, денес ги разрешува како најлоши. Пред 10 дена здружно сите гласаа дека ќе имаат 80 пратеници и ќе менуваат Устав, денес не се сигурни дали ќе имаат 61 или 62 пратеници за да разрешат двајца министри“, вели Антонио Милошоски.

На местото на двајцата министри Меџити и Алиу доставен е предлог нивните места да ги заземат Илир Демири и Наим Бајрами.