Седница за уставните измени на 18-ти август! – Ковачевски: Очекувам натпартиски консензус

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Седницата за потребата од уставните измени е закажана за 18 август. Ова стои во соопштението што го испратија од кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери, откако вчера Владата ја достави иницијативата до законодавниот дом. Ова практично е првиот филтер за потребното мнозинството бидејќи и за ова е потребно најмалку 80 гласа.

„Согласно Уставот и Деловникот, претседателот веќе ја закажа пленарната седница за 18 август во 11.00 часот. Пред да се разгледа Предлогот на пленарна седница, согласно прописите, Предлогот ќе го разгледа Комисијата за уставни прашања, чиј претседател е претседателот Џафери“, порача Талат Џафери.

Еврокомесарот Дејвид Гир потсети на неодамнешната изјава на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која рече дека постои нова иницијатива која всушност е план за побрз развој на целиот Западен Балкан. Гир кој зборуваше на македонски јазик рече дека е време да се напредува на европскиот пат.

„Ова се огромни можности за Северна Македонија кои зависат од тоа да продолжите да напредувате во реформите и да ги искористите сите можности за решително да напредувате на вашиот европски пат“, вели Дејвид Гир.

И специјалниот американски пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар порача дека САД го подддржуваат процесот на уставните измени .

„Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, а исто така сме ангажирани со новата влада на Бугарија за да се осигураме дека нема да поставува нови барања откако Северна Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори“, порача Габриел Ескобар.

Премиерот Ковачевски вели дека сега откако уставните измени влегоа во собраниска процедура очекува натпартиски консензус од сите пратеници но и во денешната изјава нема ништо конкретно како ќе се обезбеди потребното двотринско мнозинство. Сметам дека нашите 120 пратеници ќе имаат и визија и доблест и храброст да донесат одлука која што ќе значи европска интеграција за земјава и подобра европска иднина рече Ковачевски.

„Моите очекувања се дека прво ќе имаме плодна дискусија, конструктивна расправа и дека ќе има натпартиски консензус за продолжување на европската интеграција на државата. Бидејќи, еве и амбасадорот е тука и многу јасно кажува дека сега од нас зависи од одлуките кои што ние ги носиме како и на кој начин и колку брзо ќе продолжиме и завршиме патот на европската интеграција. Сметам дека се работи за уставни измени кои што не задираат во ниту едно идентитетско прашање, вчера беа објавени немаше ниту еден негативен коментар“, вели Димитар Ковачевски.

Но негативен коментар стигна повторно од претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски од чии пратеници зависи усвојувањето на уставните измени. Рече дека Владата дополнително го усложнила процесот со текстот на уставните измени.

„Владата дополнително го усложнува процесот што дефинираше текст на уставните измени кој не само што не е прифатлив туку можам да кажам и дека е тотално неразумен и ваков каков што е дополнително ги загрозува позициите на Македонија во рамките на напредокот кон полноправно членство во Европската унија. Во кој дел од заклучоците на Советот на Европа, во кој дел на Преговарачката рамка и во кој дел на Протоколот овој текст на овие уставни измени е содржан“, вели Христијан Мицкоски.

Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање на делови од народи во Преамбулата меѓу кои и бугарскиот, како и во членови 49 и 78.