Седум индонезиски аеродроми остануваат затворени поради пепелта од вулканот Анак Кракатау

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Седум индонезиски аеродроми, меѓу кои и два што го опслужуваат главниот град Џакарта, останаа затворени утрово поради пепелта од ерупциите на вулканот Анак Кракатау, соопшти индонезискиот министер за транспорт.

Пепелта од Анак Кракатау, кој се наоѓа на половина пат меѓу островите Јава и Суматра, ја прекри Џакарта и неколку околни области откако вулканот еруптираше доцна во петокот, што доведе до затворање на аеродромите од безбедносни причини.

Во текот на ноќта, лавата од Анак Кракатау го осветли небото во црвено додека вулканот еруптираше. Жителите ги метеле правливите подови на своите домови и поцрнетите ѕидови на блиската џамија, покажуваат фотографиите на Ројтерс.

Анак Кракатау е еден од околу 130 активни вулкани во Индонезија, земја која се протега долж „Пацифичкиот огнен прстен“ – сеизмички исклучително активна зона каде што се среќаваат различни тектонски плочи, предизвикувајќи голем број земјотреси и вулкански ерупции.

Анак Кракатау, што значи „детето на Кракатау“, почнал да се појавува пред еден век на подрачјето каде што претходно се наоѓал Кракатау, тогаш познат како Кракатао. Постариот вулкан се уништил самиот себе во серија големи ерупции во 1883 година, при што загинале повеќе од 36.000 луѓе откако ерупциите предизвикале серија цунами.

Министерството за транспорт соопшти дека повеќе од 270.000 луѓе биле погодени од одложувањето, пренасочувањето или откажувањето на 2.300 летови.

Главниот аеродром во Џакарта ќе остане затворен и денес, соопшти министерството, заедно со уште шест други аеродроми.