Седум ученици и пет наставници позитивни на коронавирус од настава со физичко присуство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пет наставници и седум ученици кои посетувале настава со физичко присуство, се позитивни на коронавирус.

Од Министерството за образование информираат дека до 12 часот денес има вкупно 42 активни случаи на ковид-19 кај ученици и 65 кај наставници. Од нив 29 ученици се од основно образование, а 13 од средно, додека 47 наставници се од основно, а 18 од средно образование.

„Од активните случаи во средно образование, ниту еден од учениците и наставниците не учествувале во настава со физичко присуство и согласно тоа немале контакт со остатокот од учениците или наставниот кадар. Во однос на основните училишта од активните случаи 7 од учениците и 5 од наставниците имале настава со физичко присуство во училиштата. Во сите случаи почитувани се препораките од Центрите за јавно здравје и е постапувано согласно алгоритмите“, велат од Министерството за образование.

Учениците кои следеле настава со физичко присуство, а сега се во изолација поради ковид-19, учењето ќе го продолжат онлајн. Од Министерството велат дека од целокупното одговорно однесување ќе зависи и продолжувањето на наставата со физичко присуство во училиштата и затоа апелираат до наставниците и учениците доследно да ги почитуваат мерките.