„Сега е време“ на протест во понеделник – Таравари: „Ако гласачите од Зајас се реални, ги даваме сите пратеници на ДУИ“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не само во институциите, незадоволството од резултатите од изборите на 15 јули, коалицијата „Сега е време“ ќе го изрази и на улица. Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе протестираат во понеделник, поради одбивањето на жалбите од ДИК и Управен суд, изјави генералниот секретар на АА, Арбен Таравари. Учеството на протестот го потврдија и од Алтернатива.

„Молчеа политичките партии, молчеа разни групации. Затоа и ние одлучивме во понеделник, во 18 часот, од паркот во Чаир ќе го почнеме протестот и ќе заврши пред канцелариите на ЕУ и ДИК“, изјави Таравари.

Коалицијата обвинува дека имало изборни нерегуларности, особено во ИЕ 5 и 6. Велат дека во Сарај, Зајас и Тетово биле полнети кутиите. За да ги потврдат овие сомнежи, бараат да се отвори барем една гласачка кутија и доколку се потврди спротивното, подготвени се на ДУИ да и ги дадат 12-те пратеници.

„Нека изберат една гласачка кутија во Зајас, која сакаат тие, нека изберат и нека кажат оваа ја избравме. И нека ја отворат таа кутија. Доколку сите тие кои гласале, се од Зајас, ние за 5 минути, АА и Алтернатива, ќе излеземе и ќе и ја честитаме на ДУИ победата и ќе се извиниме на граѓаните што им досаѓавме и 12-те пратеници ќе и бидат на услуга на ДУИ во следните години.“, рече Таравари.

Таравари рече дека протестот во понеделник ќе биде во рамки на препораките и протоколите за заштита од Ковид-19.