Сеизмичката енергија ослободена во јужниот дел на Егејот, меѓу Санторини и Аморгос, со повеќе од 20.000 земјотреси во последните недели, одговара на потенцијално разурнувачки земјотрес со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала, изјави денеска професорот по геологија Ефтимиос Лекас.
Лекас, кој е и претседател на Организацијата за планирање и заштита од земјотреси, во изјава за телевизијата ЕРТ рече дека е „невиден феномен“ што научната заедница продолжува да го следи со постојан, глобален интерес, користејќи подобрени сензори инсталирани во областа, објави „Катимерини“.
„Над 20.000 сеизмички вибрации забележани во последниот период одговараат на сеизмичката енергија на земјотрес со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала. За среќа, оваа ситуација се смири побрзо отколку што очекувавме“, рече Лекас, кој посочи дека во областа се акумулирала огромна енергија, која постепено се ослободува.
