Сејдини: После седум години историски достигнувања, се одлучив да се повлечам од ФФМ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Муамед Сејдини и официјално се повлече од функцијата претседател на ФФМ. ФФМ потврди дека на 22 декември ќе биде одржано ново Собрание за избор на нов претседател.

„По 7 извонредни години исполнети со историски достигнувања, решив да се повлечам од позицијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Оваа одлука е резултат на моето размислување дека дојде момент за промена, по период што ќе остане запаметен како најуспешен во историјата на нашиот фудбал.

Заедно со вас, напишавме златни страници за македонскиот фудбал: историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, второто место во квалификациската група за Светското првенство и незаборавната победа над Италија во Палермо, успесите во Лигата на нации со премин во Лига Б и реализацијата на бројни инфраструктурни проекти во соработка со УЕФА и ФИФА.

Ја напуштам оваа позиција со гордост и огромна благодарност до сите кои придонесоа за овие успеси: фудбалерите, селекторите, клубовите, инвеститорите, администрацијата, Управниот Одбор и секој љубител на фудбалот.

Јас ќе продолжам да ја извршувам својата улога до 22 декември, кога на Вонредно Собрание ќе биде избран мојот наследник.

Со целосна верба во иднината на Федерацијата и македонскиот фудбал, од срце ви благодарам за поддршката и соработката во изминатите години“, напиша Сејдини.

УО на денешната седница донесе одлука федерацијата да закаже вонредно изборно собрание за избор на нов претседател на ФФМ на 22.12.2024 година. Како што ТВ21 претходно објави, најсериозен кандидат е Масар Омерагиќ.