Сејдиу го блокира сечењето борови во Желино – директор на шуми реагира: Градоначалникот да не прави политика

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Општина Желино ја блокираше работата на сечењето борови на нивна територија. Велат дека нема да дозволат фирмата што го добила тендерот да сече дрвја кои биле засадени пред многу години.

„Констатираме дека нема да дозволиме во ниту еден момент, и натаму да се сечат дрвја и борови, кои се многу ретки и стари со децении, и кои го чистат нашиот воздух и убиваат штетни микроорганизми. Значи, кога станува збор за здравјето ние не признаваме никаква одлука или овластување, било приватна или државна и затоа ние не го признаваме ниту овој Договор. Нема да преговараме со никого кога е во прашање здравјето на нашите граѓани. Тука е црвената линија, за која по никоја цена нема да толерираме. Денеска со машинерија на општината го блокиравме патот кој води до местото на настанот а од вчера, недела на ова место ќе патролираат инспекторите на општината Желино во секој момент“, порача Блерим Сејдиу.

Но, веднаш следеше реакцијата на заменик директорот за шуми Сафет Мифтари. Тој преку реакција вели дека градоначалникот на општина Желино треба да се занимава со работите на општината а не да прави политика со влегување во работите на управата за национални шуми.

„Фирмата која го доби тендерот за сечење дрва ги почитува сите норми, а во случај на нивно прекршување, инспекторатот и шумската полиција ќе ги преземат неопходните строги мерки. Затоа бараме градоначалникот на општина Желино овие работи кои се на инспекторатот да му ги остави на инспекторатот и законот или на шумската полиција. Наместо да се занимава со работите на Национални шуми, му препорачувам на градоначалникот Сејдиу да го плати долгот што го има кон претпријатието“, вели Сафет Мифтари – Заменик генерален директор на Шуми.

Од општина Желино се сомневаат дека сечењето на дрвјата се врши без конкретни ознаки и се сечат дрвјата што не се предвидени во договорот.