Лидерот на АА, Зијадин Села, во синоќешното издание на емисијата Клик Плус ги повика сите активисти и поддржувачи на партијата повторно да се приклучат на овој политички субјект.
„Ги повикувам сите обични активисти, кои можеби ненамерно поверувале и имале некаква надеж, кога тогашните случувања им беа претставени на начин што изгледаше како Зијадин Села да предал некаква кауза или нешто слично. Денес вистината зборува поинаку. Зијадин Села немаше друга опција и оваа политичка структура и јадро на АА мораше да опстане. Сега повторно ќе се консолидира. Ги повикувам сите тие луѓе – ова е истата Алијанса што јас ја водам и јас сум истиот“, порача Зијадин Села.
Зијадин Села ги негираше и гласините дека АА ќе стане дел од владата, како и дека имало средба меѓу него и премиерот Христијан Мицкоски.
„АА е подготвена да разговара за политички теми, за програмски и политички прашања. Ние не седнуваме да разговараме за министерски места, туку за Уставот, за евроинтегративната перспектива, за Уставен суд на Северна Македонија и за Бадинтер во Уставниот суд.“, вели Зијадин Села.
-Доколку добиете понуда, дали тоа би биле вашите услови?
„Секако, тоа се работите за кои треба да се разговара, а потоа може да се зборува и за други понуди.“
Села оцени дека актуелната влада треба што побрзо да падне и дека земјава треба да оди на предвремени парламентарни избори.
