Селами: Ќе ја вратам довербата на омбудсманот – најави законски измени со што ќе можат да изрекуваат прекршочни мерки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Враќање на довербата во институцијата Народен правобранител, соработка со институциите, но и кадровско екипирање и избор на 8 заменици правобранители, најави новиот омбудсман Фатон Селами. Откако во петокот беше избран од пратениците, тој пред претседателот на Собранието Африм Гаши даде свечена изјава за стапувањето на оваа важна функција. Но, како ќе се справува со постојаниот проблем со тоа што институциите немаат слух за барањата и укажувањата на Омбудсманот? Селами најави промени на Законот за Народен правобранител кој ќе овозможи изрекување мерки.

-Тоа е предвидено во измените од Законот за Народен правобранител да имаме можност да изрекуваме и прекршоци. Со препораки со јавен укор во соработка со медиумите, меѓутоа мислам дека ќе треба во законските измени да има и прекршочни одредби доколку со друг начин не може да се почитуваат препораките на Народниот правобранител, вели Фатон Селами, Народен правобранител.

Претседателот на Собранието Африм Гаши му ја честиташе функцијата и порача дека очекува од него да ги брани правата на сите граѓани.

-Му посакувам многу здравје и многу успех и да биде во служба на народот, да ги брани правата на сите граѓани без разлика на нивната, етничка, религиска, партиска, политичка и секаква друга припадност, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Изборот на Фатон Селами беше блокиран цели 6 месеци, бидејќи пратениците на Европскиот фронт беа против неговиот избор и поради тоа најавија дека нема да гласаат на Бадентеровото мнозинство. Селами доаѓа на местото на Насер Зибери кој беше на оваа функција до 12 јули минатата година.