Високите температури продолжуваат да ги зголемуваат пожарите во земјата. Во последните 24 часа се регистрирани 37 пожари на отворен простор. Селото Чаниште во моментов е надвор од опасност, додека пожарот во текот на денот се движел кон Мариово, односно Крушевица. Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, вели дека линијата на пожарот е долга, но очекува во текот на денот пожарот да биде ставен под контрола. На терен се ангажирани четири возила „Пинцгауер“, екипите на ДЗС и пожарникарите од Прилеп. За гаснењето е ангажиран и полициски хеликоптер, иако силниот ветер и тешкиот терен ја комплицираат интервенцијата од воздух.
„Во секој момент важно е да немаме опасност за ниту едно село. Сите пожарникари и сите лица кои учествуваат во гаснењето на пожарот се живи и здрави. Во текот на вечерта еден работник кој работел со багер ја повредил ногата и очекуваме информации за тоа какви повреди има“, изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Ангелов информираше дека силниот и променлив ветер го отежнува гаснењето, упатувајќи апел до граѓаните за максимална внимателност. Пожарот во Чаниште, според него, е најголемиот ова лето.
„Еден апел и голема молба до граѓаните, ве молиме бидете доволно внимателни за да не дојде до оваа катастрофа. Ова е најголемиот пожар ова лето. Иако има ретки грмушки и ретка шума, со слаб квалитет, сепак тоа е вегетација и се бориме да ја спасиме“, изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Пожарот во депонијата во Делчево, кој гореше неколку дена, е ставен под контрола. Во меѓувреме, пожарникарските екипи изгаснаа пожари во неколку општини во земјата, меѓу кои Ѓорче Петров, Сарај, Штип, Долнени, Кичево и Гостивар. ЦУК ги повика граѓаните да покажат максимална внимателност и да не палат оган на отворен простор. Во случај на пожар, граѓаните треба веднаш да го пријават на бројот 112.
