Серија тешки кражби и обиди за кражби во Тетовско се расчистуваат откако СВР Тетово поднесе кривична пријава против четири лица за вкупно 10 кривични дела.
Пријавени се Е.В. (43) од Никуштак, Х.А. (53) од Косово, А.А. (34) од Отља и Е.А. (34) од Никуштак, сите осомничени за четири тешки кражби и шест обиди за тешка кражба.
Еден од најголемите грабежи, според полицијата, се случил на 19 септември во Долно Палчиште, каде од куќа бил одземен сеф со златен накит, оружје и муниција, чија вредност се проценува на околу 160.000 евра.
Во друг случај, во периодот од 24 до 28 ноември 2025 година, од куќа во истото село биле украдени златен накит и пари во вредност од околу 70.000 евра.
Полицијата ги поврзува пријавените и со кражба во спортска обложувалница во Теарце. На 10 мај годинава, според пријавата, со употреба на сила бил отворен сеф од кој биле одземени пари.
Во периодот од 23 до 26 мај, од магацински простор на бензинска станица во Пирок биле украдени повеќе пакувања цигари.
Покрај реализираните кражби, четворицата се сомничат и за шест обиди за тешка кражба. Од април до септември годинава, во повеќе наврати влегувале во куќи и други објекти во Камењане, Долно Палчиште, Нераште, Теарце и Радиовце, каде што вршеле пребарување, но според пријавеното, не одзеле ништо.
За случаите СВР Тетово поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени четири кривични дела „тешка кражба“ и шест „тешка кражба во обид“.
