Медицинскиот факултет од Скопје преку итна јавна набавка без објавување на оглас набави комплет реагенси за одредување на концентрација на ИгГ антитела специфични за Ковид-19. Вкупно 16.000 тестови ќе ги достави дрогеријат „Веста“, но во договорот до кој дојде ТВ21 не е потенцирано од каде се произведени овие тестови за кои државата ќе плати 5.124.000 денари, односно околу 84.000 евра со вклучен ДДВ.
Одговор не добивме ниту од Министерството за здравство, ниту пак од дрогеријата која ја врши доставата, со која пак вчера е потпишан договор во времетраење од шест месеци. Од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ пишуваат дека набавката е без оглас бидејќи се работи за итност и неодложност согласно член 55 став 6 од Законот за јавни набавки.
-Со воведување на прецизни квантитивни серолошки тестови за одредување за антитела кон Covid-19 за прв пат во државата, ќе овозможи поголема ефикасност на државата при детекција на инфицираните индивидуи, но исто така ќе се овозможи и откривање на индивидуи кои веќе ја поминале болеста без симптоми, со што ќе се добијат многу пореални податоци за раширеноста на инфекцијата-велат од Медицинскиот факултет.
Тестовите ќе се изработуваат во Институтот за имунобиологија и хумана генетика каде веќе има инсталиран автоматизиран апарат, а ќе се опреми и Институтот за медицина и експериментална биохемија.
Прв резултат ќе се добива за 20 минути, а во еден час ќе може да се обработат 180 имунолошки анализи. Прецизноста на овој вид тестирања е 97%.
Процедурата е следна:
- Се зема крв од вена кај пациентот
- Потоа тоа се носи на центрифуга каде што се одделува серумот од крвните плочи
- Се додава 10 микролитри серум со посебна пипета, а потоа се става на назначеното место на тестот
- Овој тест е негативен. IgG значи дека вирусот не бил присутен во минатото, а IgM значи дека во овој момент не е присутен вирусот.
Но доколку сте позитивни на IgG односно сте го имале веќе вирусот, медицинските лица велат дека тоа не значи дека сега имате имунитет на коронавирусот.
Светската здравствена организација во моментов советува вакви тестови да се користат само за следење на заедницата или заедно со поточни молекуларни тестови, кои бараат генетски материјал на вирусот, но на кои им треба подолго време за да се добијат резултатите, бидејќи тие треба да се направат во лабораториите.
ИРЛ објави дека кинески брзи тестови за Ковид-19 со лош квалитет се продавале во Македонија како холандски, но министерот за здравство вели дека такви серолошки тестови од кинеската компанија Биозек не биле набавени.
