Пукање пред училиште во Турција, најмалку четворица повредени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пукање пред училиште во турскиот град Тургутлу предизвика паника меѓу учениците и вработените, откако вооружен маж отворил оган од пушка во момент кога средношколците пристигнувале на настава. Во инцидентот се повредени најмалку четири лица, од кои повеќето се ученици.

Нападот се случил пред стручно и техничко училиште во Тургутлу, во западната турска провинција Маниса. Веднаш по пријавувањето на истрелите, на местото пристигнале полициски екипи и амбулантни возила.

Повредените биле пренесени во најблиските здравствени установи, а безбедносните служби го обезбедиле просторот околу училишниот комплекс.

Канцеларијата на гувернерот на Маниса го потврди оружениот инцидент и соопшти дека ситуацијата на теренот брзо била ставена под контрола.

Според првичните информации на турските медиуми, напаѓачот дејствувал сам и пукал кон група млади лица кои пристигнувале пред училиштето. Полицијата на местото собира докази и чаури со цел да ги утврди сите околности поврзани со нападот.

Мотивот за пукањето засега не е познат. Турските власти најавија детална истрага, како и засилено полициско присуство околу училиштата во провинцијата Маниса до целосно расчистување на случајот.