Сообраќајните прекршоци ги прави едно лице, а системот „Безбеден град“ пораката со казна ја испраќа на друго лице. Ова се случува поради неправилности во евиденцијата при регистрацијата на возилата, информираат од МВР.
Поради овој проблем, на приземјето во Одделението за граѓански работи во зградата на МРТ е отворен посебен шалтер за пријавување на вакви случаи.
–Од денес е во функција шалтерот за „Безбеден град“, што значи дека доколку сте добиле некое известување со неточни податоци за сообраќајни прекршоци, тука ќе можете да поднесете барање за промена на податоците, пренесува новинарката на ТВ21, Фазиле Халили.
Од МВР информираат дека истото може да се направи и преку станиците за технички преглед на возила, на местата каде што е распореден службеник на Министерството за внатрешни работи.
–Граѓаните ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците што ги дале при регистрацијата на своите возила, доколку имало промена или во случај да добиле известување со неточни податоци. Истото може да се направи и преку станиците за технички преглед на возила, на местата каде што е распореден службеник на Министерството за внатрешни работи, вели Гоце Андреев, портпарол на МВР.
Инаку, овој шалтер ќе биде отворен секој работен ден од 8:00 до 17:00 часот. Исто така, граѓаните ќе можат да пријавуваат случаи и преку е-пошта на адресата bezbedengrad@moi.gov.mk , доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“.
