Припадниците на македонската армија да бидат тргнати настрана од партиските битки, порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска, откако вчера опозициската ВМРО-ДПМНЕ со околу 2 илјади амандмани ги блокираше измените на законот за служба во Армијата.
„Блокадата не се должи на интерес на ВМРО-ДПМНЕ да направат подобар закон. Имаа 11 години како власт да ги решат некои од овие проблеми не ги решија. Имаа и 3 години како опозиција да дадат вакви предлози не ги дадоа. Блокадата се должи исклучиво на нивниот впечаток дека ако се запрат само тогаш спечалат некакви политички поени. Жал ми е што овој пат решиле да печалат политички поени на грбот на припадниците на армијата“, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека предлогот за измени на законот не е добро решение и бараат или да биде усвоен предлог законот што тие го предложиле или да ги прифатат нивните забелешки на предложениот текст.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата преку амандмани бара подобрување на условите за пензионирање и давање на можност на активниот воен и цивилен персонал во Армијата да му престане работниот однос по сила на закон со остварување на право на пензија со навршување на 40 години стаж или со навршување на 55 години возраст. Со предлогот на Шекеринска ова не е предвидено и оттука по автоматизам се губи смислата и потребата од бенефициран стаж“, истакна Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај овој предлог за измени на законот во Собранието остануваат блокирани уште 27 други закони главно од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците. Меѓу нив е и законот за изградба на нов клинички центар.
