„Овој викенд ги започнавме подготовките ако треба да го зголемиме присуството на припадниците и на полицијата и на армијата на нашата јужна граница земајќи ги предвид тоа што се случува во Турција, земајќи ги предвид настаните на турско – грчката граница и покажавме дека системот функционира и се подготвува за сите можни сценарија. Тоа значи дека и Армијата согласно нејзините планови буквално може да ги зголемува своето присуство и своите бројки на границата согласно потребите и согласно притисокот врз границата“, изјави денес министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
„Имаме оперативни планови и во полицијата и во Армијата и согласно информациите на терен и согласно нашата комуникација со колегите во регионот и со ФРОНТЕКС ќе ги носиме одлуките“, истакна министерката во денешната изјава за медиумите.
Шекеринска рече дека на нашата јужна граница се присутни во зависност од ситуацијата некаде до 130 странски полицајци од земји членки на ЕУ и дека вчера на Управувачкиот комитет за кризи е одлучено да побараме од сите земји да го продолжат тој ангажман.
Во моментот, рече таа, притисокот врз нашата граница не е изразен повеќе од претходно. Но зголемениот притисок на грчко – турската граница довел до повлекување на грчките безбедносни сили и нивно фокусирање кон турската граница, што предизвика одредено поголемо придвижување на мигрантите кои веќе беа во Грција на север кон ЕУ и заради тоа се забележани одредени покачувања на бројките.
„Сега состојбата е стабилна. Сакам многу сериозно да повикам на оваа тема да не се шират лажни вести и да не се создаваат дезинформации без разлика каква причина и каква агенда стои зад тоа“, рече Шекеринска.
„Не станува за наш па дури ни за регионален проблем, станува збор за многу сериозен проблем врзан за состојбите на Блискиот исток, меѓутоа и односите Турција и некој од сојузниците, ЕУ, Русија и соседите. Ја следиме многу внимателно ситуацијата, ќе реагираме превентивно како што го правиме тоа сега“, истакна министерката.
Министерката додаде дека иако имало различни мислења па дури и критики до Владата за продолжувањето на кризната состојба во декември, Владата била во право што реагирала навреме. „Се покажа дека сме биле како Влада и Собранието како мнозинство во право што ја продолжувавме кризната состојба. Знаевме дека проблемот со мигрантите може во секој момент да се појави и наместо тогаш да реагираме треба да бидеме подготвени однапред“, изјави министерката.
