Седницата на Парламентот на Црна Гора беше прекината по жестока вербална расправија меѓу пратеникот на Демократската народна партија (ДНП), Милан Кнежевиќ, и министерот за внатрешни работи Данило Шарановиќ, јавува „Вијести“.
Инцидентот се случил за време на расправата за повеќе предлог-закони од областа на матичните книги, државјанството, живеалиштето и централниот регистар на население. Според медиумот, поголем инцидент бил спречен откако неколку пратеници застанале меѓу двајцата функционери и ги раздвоиле.
Расправијата започнала кога Кнежевиќ изјавил дека за време на престојот на Шарановиќ на Ада бил обезбедуван од околу 50 полицајци, што министерот категорично го негирал и го нарекол лага. Кнежевиќ останал на своите тврдења, по што Шарановиќ возвратил дека пратеникот имал поголемо обезбедување од него.
Размената на обвинувања продолжила со меѓусебни навреди. Шарановиќ го нарекол Кнежевиќ „најголемиот лажго во Парламентот“, а пратеникот возвратил со зборовите: „Ти си најголемиот негодник во Парламентот“.
Благодарение на интервенцијата на присутните пратеници, не дошло до физичка пресметка, а работата на парламентот била привремено прекината.
