Светската здравствена организација (СЗО) не знае кога ќе заврши пандемијата на коронарниот вирус, но претпоставува дека болеста ќе биде ставена под контрола во рок од две години, објави прес-службата на таа организација.
Денес се навршуваат точно шест месеци откако СЗО прогласи пандемија, иако на почетокот, таа организација го сметаше појавувањето на вирусот Ковид-19 како пандемија со неколку жаришта, пренесува Тасс.
„Од оваа гледна точка, не можеме да кажеме кога ќе заврши пандемијата, но можно е со глобални напори и современа технологија, таа да биде ставена под контрола за неколку години“, се наведува во соопштението.
Во него се наведува дека државите треба да се фокусираат на четири приоритети – спречување на ширење на вирусот, оспособување на луѓето да се заштитат себеси, основите на јавното здравје и заштита на ранливите категории, вклучително и стари лица и лица со посебни потреби.
СЗО исто така верува дека шест месеци по прогласувањето на пандемијата, пренесувањето на вирусот остана главно на ист начин.
„Човечките вируси можат да напредуваат, да станат помалку или повеќе патогени. Врз основа на досегашните записи на повеќе од 80 000 геномски примероци, утврдено е дека пренесувањето и тежината на вирусот не се променети – наведува СЗО и додава дека промените во вирусот постојано се следат.
