Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија освен што ќе донесе политичка и безбедносна корист за Македонија, ќе обезбеди и поволен заем од шест милијарди евра кои ќе бидат употребени за инвестиции во повеќе области. Веќе е познато дека дел од овие пари се планираат за завршување клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот медицински факултет со студентски дом со капацитет од 200 – тини легла, за изградба на нова болницата во Кичево заедно со здравствен дом како и за реконструкција на клиничката болница во Тетово. Условите за овој заем, се уште не се до крај прецизирани, но се најавува дека ќе бидат поволни.
„Многу скоро од денеска тоа ќе биде објавено во јавноста. Репер ни се еурориборот, репер ни се два фиксни параметри, а тоа се грејс период и долг период на отплата. До сега фиксирани се неколку проекти, а тоа е реконструкција, модернизација на пругатакоја што ќе ги поврзуваат Табановце и Гевгелија, железничката пруга, со што очекуваме за 10 пати да се зголеми карго транспортот по истата, и да се зголеми бројот на патници кои што ќе ја користат“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Ова е најголем проект во овој прв бран инвестиции и според информациите на ТВ21 дел од постоечката пруга ќе се реконструира, но добар дел ќе биде нова траса, при што ќе има двојна линија, од кои една за карго превоз кој ќе овозможува брзина на композициите до 120 километри на час, а едната за патнички сообраќај со брзина од 160 плус, километри на час. Овој проект првично се проценува дека ќе чини од 1,5 до две милијарди евра. Договорот за пругата се очекува да биде потпишан наскоро.
„ Драго ми е што следната недела го носиме заменик – премиерот во Лондон за да го потпише договорот меѓу владите, кој е фокусиран на трговските и инвестициските приоритети што ги истакнавте, Премиере. Затоа мислам дека тоа се навистина низа договори што навистина ќе го зајакнат нашето билатерално партнерство, од самиот врв на владата надолу, од премиерите надолу“, изјави Метју Лосон, амбасадор на Велика Британија.

Овој голем заем го отвора прашањето и за јавниот долг. Шест милијарди евра е скоро 40 отсто од моменталниот бруто домашен производ, што значи дека може да изврши сериозен притисок врз задолженоста на државава. Премиерот Мицкоски вели дека грејс периодот што се добива со договорот, ќе овозможи побрз раст на БДП во однос на пристигнување на ратите за плаќање, кои првпат ќе треба да се сервисираат од 2027 година.
„Така што очекувам дека во крајна смисла ефектите ќе бидат со намалување на јавниот долг, а не со зголемување бидејќи станува збор за инвестиции капитални, не станува збор за позајмување пари за трошења, социјални трансфери и така натаму“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски вели и дека за останатите проекти кои допрва ќе се утврдуваат, наскоро ќе седне со бизнис заедницата за да се утврдат приоритетите и за да се види дали македонското стопанство може да го следи овој инвестициски бран.
„Треба да видиме каков ни е апсорпциониот капацитет, бидејќи во договорот се предвидува минимум 70 – тина отсто локална компонента. Така што ова навистина претставува нешто ко е што ќе биде голема поддршка за македонската економија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски верува дека надежта кај граѓаните и фирмите се вратила и дека тоа е основа за подобрување на економијата.
