Поранешниот градоначалник на Скопје, поранешен потпретседател на СДСМ, Петре Шилегов јавно побара оставка од актуелниот лидер на партијата Венко Филипче. Во гостувањето во Топ Тема на Телма тој изјави дека на претстојниот конгрес на СДСМ нема да присуствува, бидејќи не е ниту делегат, но потенцираше дека ако биде успешен конгресот тоа само ќе биде потврда за погрешните политики кои ги води актуелното раководство. Монополизацијата во носењето на одлуките е причина за поларизација на СДСМ, меѓу актуелните пратеници, како и високи актуелни и поранешни функционери внатре во партијата, смета Петре Шилегов.
Шилегов: Го немате легитимитетот.
Прашање: Кога?
Прашање: Во истиот момент кога вас ви се затворени општинските комитети, кога на вас ќе ви излезат актуелни пратеници, кога на вас ќе ви излезат дел од општинските раководства, дел од луѓе коишто и тоа како оставиле печат во историјата на СДСМ, веројатно ќе знаете дека треба да се повлечете.
За критиките на негова адреса од поранешни високи функционери на партијата, Филипче вели се исти со оние на ВМРО-ДПМНЕ.
-Нивните пораки во јавните настапи, во статусите, ќе видите дека тоа се пораките на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Критиките се сведуваат на тоа. Во позадината на сето тоа вистинските членови, искрени поддржувачи реагираат, многу лошо на тие критики, затоа што не се издржани и не се реални, затоа што станува збор за луѓе кои се уценети или кои се купени и тоа е суштината, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На социјалните мрежи се огласи и Јован Деспотовски, поранешен кандидат за лидерската позиција во партијата, кој претходно беше спомнат во писмена реакцијата на СДСМ.
-Единствен одговорен за незадоволство помеѓу членовите на СДСМ е сегашното раководство на партијата. Ниту сметам, а најмалку чувствувам лична одговорност за тоа што поранешни, а и сегашни функционери на партијата веќе јавно коментираат за состојбите во СДСМ и за политиките и одлуките на сегашниот партиски врв, вели Јован Деспотовски.
Ваквите реакции доаѓаат по резултатите од локалните избори, каде СДСМ освои само шест градоначалнички места, па според ваквите резултати стана трета партија во Македонија, зад ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Вреди. Во Советот на Град Скопје, СДСМ освои само пет советнички места, што ја прави петта партија.
