Шилегов одбива да одговори за зградите кај ГТЦ – жителите на Ново Маало бараат веднаш да се одобри градбата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот Петре Шилегов одбива да одговори на прашањата на новинарите во врска со спорниот проект кај паркингот спроти Холидеј Ин. На денешната настан за проектот за  брз автобуски превоз на прашањето дали нешто ќе преземе бидејќи спроведувањето на Генералниот урбанистички план е во негов домен Шилегов рече дека ќе одговара само на темата.

„Би сакал да се задржиме исклучиво на темата, во текот на утрешниот ден на настан ќе одговорам на сите прашања. Благодарам многу… благодарам многу… Особено сум среќен што сте горди што после 45 години чекање, град Скопје добива современ јавен транспорт. Благодарам…“, истакна Петре Шилегов.

Во меѓувреме продолжува префрлањето на топката на релација Општина Центар – Министерство за транспорт, околу можноста за суспензија на ДУП-от. Министерот Благој Бочварски вели дека од градоначалникот  Богдановиќ, единствено добиле прашалник како треба да се изработи елаборат.

„Ние во моментот кога ќе го добиеме барањето од било која општина, дали е Центар или било која друга општина во рок од 15 дена ќе се изјасниме по однос на суспензија на тој план и тоа е наше мислење кое што се враќа во Советот на матичната општина и по тоа гласаат советниците. Додека ние не добиеме барање за суспензија или елаборат за суспензија ние немаме предмет по кој што ќе постапуваме“, порача Благој Бочварски.   

А, утрово, градоначалникот Богдановиќ на оградата пред дворот на општината го пречека транспарент на кој пишуваше – Потпис на одобрение – потпис на оставка. Од друга страна пак, дел од жителите на Ново Маало бараат што побрзо да се одобри градбата и да нема суспензија. До премиерот Заев ја доставија петицијата со собраните потписи од жителите за да се дозволи градбата.

„Да не помислуваат градоначалникот и институциите да направат суспензија на планот. Тогаш ние ќе ги преземеме сите мерки што треба да се преземат од наша страна.  Сакаме градоначалникот да излезе веднаш со одобрение на градба. Со ова го решаваме стогодишниот проблем што го имаме. Ништо немаме ни одвод ни довод“, велат жителите на Ново Маало.

Инвеститорот на градбата, фирмата МГ Фешн го чека одобрението за градба, но дали тоа ќе се издаде или ќе се суспендира планот, засега се уште е неизвесно. Иако градоначалникот Богдановиќ од Антикорупциска доби предлог да го суспендира планот, седница на Совет на општина Центар за ова не е закажана.