Шкендија вечерва го игра решавачкиот натпревар за пласман во третото квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига. Црвено-црните на арената „Тодор Проески“ во Скопје го пречекуваат словенечки Браво со цел да ја надоместат негативата од 2:1 од првиот натпревар.
За да обезбеди што поголема поддршка, клубот одлучи влезот на стадионот да биде бесплатен за сите навивачи.
Тренерот Артим Положани изјави дека екипата мора да биде поефикасна пред противничкиот гол и подобро да ги реализира создадените шанси, нагласувајќи дека во елиминациските натпревари резултатот е најважен.
„Во Словенија одигравме добар натпревар од аспект на играта, но ни недостасуваше реализацијата. Токму во завршницата мора да бидеме поконкретни, бидејќи станува збор за елиминациски натпревар. Кога се игра на елиминација, не е доволно само да се одигра добро, туку мора и да се постигнуваат голови, во спротивно тоа создава проблеми.“, вели Артим Положани.
И играчот од средниот ред Дрилон Ислами изрази оптимизам дека Шкендија може да го сврти резултатот во своја корист.
„Целиот клуб е оптимист дека можеме да го надоместиме резултатот и да се пласираме понатаму. Ако одиграме како што игравме во Словенија, потребно е само малку повеќе среќа и поголема ефикасност пред голот. Се надевам дека ќе направиме пресврт и ќе обезбедиме пласман во следната рунда.“, вели Дрилон Ислами.
Натпреварот меѓу Шкендија и Браво се игра вечерва со почеток во 20 часот, а победникот ќе обезбеди место во третото квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига.
