Шок за Јувентус: Oдземени му се 15 бодови, суспензија за функционерите на клубот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Навивачите, фудбалерите и управата на Јувентус вечерва се во шок откако Судот при Фудбалската Асоцијација на Италија реши да ја казни „старата дама“ со бришење на огромни 15 бода од освоеното салдо.

Иако обвинителот во случајот бараше казна од девет бода, судот оцени дека престапот направен од страна на управата е премногу сериозен и дека „црно-белите“ ќе морат уште пожестоко да бидат санкционирани. Затоа, Јувентус ќе биде минусиран со дури 15 од освоените бодови, што драстично ќе ги намали шансите на тимот за излез во фудбалска Европа за наредната сезона. Во една таква ситуација, за очекување е Јувентус да продаде некој од клучните фудбалери (најверојатно Душан Влаховиќ) за да го намали финансискиот удар што ќе следи од овој скандал.

Од челниците на клубот, директорот Паратичи беше казнет со забрана за вршење на фудбалска дејност во следните 2,5 години, Ањели нема да може да биде во фудбалот во наредните две години, додека за Павел Недвед оваа санкција е со времетраење од осум месеци.

Сигурно е дека Јувентус ќе испрати официјална жалба до Спортскиот Суд на Олимпискиот Комитет на Италија, но освен мало намалување на санкцијата, тешко е да се очекува поинаков исход со оглед на доказите против „црно-белите“.