Шпанската влада одобри пократка работна недела

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шпанските министри одобрија намалување на работната недела од 40 на 37,5 часа без намалување на платите, по договор со синдикатите, но без поддршка од најголемите здруженија на работодавачи.

На 5 февруари, Советот на министри го усвои предлог-законот што двата најголеми синдикати (CCOO и UGT) го опишаа како историска мерка од која потенцијално би можеле да имаат корист 12 милиони работници.

Министерката за труд Јоланда Дијаз рече дека тоа е историски ден и дека тоа е прво намалување на работното време во изминатите 40 години.

„Тоа не е само уште една економска променлива, туку проект за земјата и мерка за модернизација на Шпанија“, рече Дијаз, лидер на левичарската алијанса Сумар.

Од друга страна, најголемото здружение на работодавачи CEOE го отфрли предлог-законот и повика на постепено намалување на работното време и колективно договарање.

Тие сметаат дека мерката најмногу ќе ги погоди малите бизниси и самовработените, пренесува бриселски Еурактив.