Оштетени штедачи од Еуростандард банка, излегоа на протест пред Уставниот суд. Протестот се одржува паралелно со седницата на Уставен каде на дневен ред е иницијативата на штедачите, со која бараат да се преиспита член 163, став 3 од Законот за банки. Станува збор за член, кој кога ќе пропадне банка, му се дава предност за исплата на Фондот за осигурување на депозити кој, пак, ги исплаќа законски гарантираниот поврат до 30 000 евра по штедач.
За иницијаторите ова бил спорен член, а тие велат дека не било фер кон оние со поголеми депозити, но и фирмите кои не биле заштитени.
Во име на оштетените штедачи зборуваше Мира Беќар, професорка на Филолошкиот факултет и членка на Независниот академски синдикат.
На еден од транспарентите беа именувани и пет уставни судии од кои демонстрантите како што велат очекуваат поддршка, иако гласањето за точката сѐ уште не се случило и тоа е тајно. На транспарентот „Елена, Дарко, Осман, Никола, Јован, вие сте нашите херои“, јасно се сугерира на уставните судии Елена Гошева, Дарко Костадновски, Осман Кадриу, Никола Ивановски и Јован Јосифовски.

Надвор е протестот, а внатре е седницата каде треба да се изгласа втората точка на дневниот ред од 9-тата седница, односно дали да се отфрли или прифати на разгледување иницијативата на штедачите.

На денешната седница на Уставниот суд, уставните судии само ќе гласаат за иницијативата на штедачите. Расправата по точката се исцрпи на 25 март 2021 година, но не се донесе одлука. Токму на таа иницијатива седницата под број 9 на Уставниот суд беше прекината.
Првично, таа седница и дискусијата за Законот за банките требаше да продолжи на 7 април. Но, се одложи и таа седница, па сега епилог се очекува денеска.
Уставниот судија Дарко Костадиновски изјави дека нема да изземе од гласањето и ни образложи зошто смета дека нема судир на интереси.
„Не, нема да се изземам, затоа што за да се изземам во предмет, како што имам правено порано, треба да биде конкретно барање, на пример за заштити на слободи и права. Во случајов, станува збор за апстрактна уставна контрола на законска одредба која се однесува на неопределен број на субјекти, а не на поединечни субјекти“, изјави за „360 степени“ уставниот судија Дарко Костадиновски.
