Поради загадувањето што го испуштаат плинските шпорети, годишно умираат околу 40.000 Европејци, покажа студијата спроведена во Велика Британија и ЕУ.
Плинските шпорети испуштаат штетни гасови кои се поврзани со болести на срцето и белите дробови, а експертите предупредуваат дека јавноста не е доволно свесна за опасностите.
Во просек, употребата на шпорети на плин го скратува животот на луѓето кои ги користат за речиси две години.
„Големината на проблемот е многу полоша отколку што мислевме“, вели водачот на истражувањето Хуана Марија Делгадо-Саборит, раководител на истражната лабораторија на Универзитетот „Ѓауме Први“.
Експертите поврзуваат 36.031 предвремена смрт секоја година со шпоретите на плин во ЕУ и речиси 4.000 повеќе во Британија.
Тие исто така наведуваат дека нивните проценки се конзервативни бидејќи ги земале предвид само ефектите на азот диоксид, а не и други гасови, како што се јаглерод моноксид и бензен.
„Во далечната 1978 година за прв пат дознавме дека загадувањето со азот диоксид е многукратно поголемо во кујните каде што се користат шпорети на гас во споредба со електричните. Дури сега можеме да се изразиме во однос на бројот на скратени животи“, нагласува Делгадо-Саборит.
Секое трето домаќинство во ЕУ користи плин, а во Британија 54 отсто. Процентот е уште поголем кај одредени членки на ЕУ, како Италија, Холандија, Романија и Унгарија – над 60 проценти.
Додека согорува природен гас, печките испуштаат штетни материи кои доведуваат до воспалителни процеси во дишните патишта.
Извештајот е ажурирање на минатогодишната студија која го мери квалитетот на воздухот во домовите каде што се користи гас.
Ова им овозможи на експертите од Универзитетот „Đaume Prvi“ да направат споредби помеѓу изложеноста на внатрешен и надворешен загаден воздух при готвење со гас и да ја мапираат изложеноста на азот диоксид.
„Единствената неизвесност е дали ризикот од прерана смрт од труење со азот диоксид на отворено од сообраќајните издувни гасови може да се примени на изложеност на истиот гас во затворен простор преку готвење“, рече Стефен Лофт, експерт за загадување на воздухот од Универзитетот во Копенхаген кој не беше вклучен во студијата.
ЕУ ги заостри правилата за квалитетот на воздухот на отворено, но не постави стандарди за квалитетот на воздухот во затворените простории.
Европската унија на јавни здравствени установи веќе ги повика политичарите постепено да ги исфрлат плинските шпорети и да им понудат пари на луѓето за полесно да се префрлат на поздрава варијанта.