Градежни машини почнаа да го рамнат просторот над Детското одделение во Штип, каде што ќе бидат поставени нонтажните објекти за новата модуларна болница за пациентите со коронавирусот од целиот источен регион.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев и в.д градоначалникот на Општина Штип, Јане Миланов денеска беа на увид, каде што во рок од три недели треба да се постави нова водоводна и канализациска мрежа, како и да се изградат улици и да се асфалтира просторот за монтажните објекти. Модуларната болница ќе има два пристапи, а ќе биде составена од четири модули по 14 кревети или капацитетот ќе биде за 56 пациенти.
–Денеска вршиме увид на местото каде што ќе се поставува монтажна болница. Активностите во смисла на потребната инфраструктура се во тек. Почнуваме со подготовка на сите оние инфраструктурни инсталации, водовод, канализација, електручно напојување, така што очекуваме вои догледно време да ги завршиме сите обврски што ги имаме како локална самоуправа, за да може натаму Министерство за здравство да го заврши останатиот дел, вели Миланов.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека во моментов Инфективното одделение е полно, додека на Кожното одделение имаат шест слободни кревети за пациенти со полесна клиничка слика, но, во текот на попладневните часови се очекува на овој оддел да се префлат неколку пациенти за да се ослободат кревети за потешки на инфективното одделение. Забележа дека кога општината и Министерството за здравство ќе бидат готови со модуларната болница, тие како здравствени работници се подготвени да ја користат. Смета дека имаат доволно лекари и медицински сестри од други оддели, кои веќе се вклучени во систеот на ротации за лекување на пациентите со коронавирусот.
– Морам да кажам дека пациентите кои се на инфективното ни доаѓаа со тешка клиничка слика, пред два дена имавме 15 со сериозна клиничка слика и дополнителни 25 кои бараа кислородна поддршка. Многу се разликува структирата на болните во овој есенски бран за разлика од пролетниот, вели Ѓеорѓијев.
Прашан дали и други одделенија ќе бидат адаптирани за пациентите на кои им е потребно болничко лекување, Ѓеорѓијев вели дека веќе прават планови за обезбедување на кревети за најтешко болните пациенти. Почнати се инфарструктурни работи на новиот оддел, каде ќе се сместуваат овие пациенти.
Ѓеорѓијев истакна дека засега проблеми со заштитната опрема немаат, но оти потрошувачката на кислород е голема.
-Компаративно во септември потрошивме шест тони, во октомври потрошивме дури 14 тони кислород, а сето тоа е резултат на големиот број на примени пациенти со тешка клиничка слика. Меѓутоа, како ќе се одвива ситуацијата ние ќе ги надополнуваме и тие количини на кислород, вели Ѓеорѓијев.
Во текот на вчерашниот ден пристигнати се 20 мерачи за сатурација, а деновиве ќе добијат уште 30 вакви мерачи, кои се потребни за да го мерат кислород во крвта, а со кои се предвидува текот на болеста, но и каква терапија да им се даде на пациентите. Починати се двајца пациенти на Инфективното одделение, од кој еден синоќа, а утринава уште еден пациент ја изгибил битката со вирусот.
