Што ќе донесе спојувањето на АНБ и АР? Стојановски: Тоа е добро решение ако се изведе професионално

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Спојувањето на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање што го најави премиерот Христијан Мицкоски најверојатно ќе се случи на крајот на годинава. Иако самата најава предизвика одредени реакции за тоа дали на тој начин може да има безбедносен вакуум, сепак експертската јавност смета дека тоа би било добро решение. Професорот на Факултетот за безбедност Трпе Стојановски вели дека такви примери има и во други држави, но клучен фактор е таа реформа да биде изведено професионално.

„Сега пред новата Влада, мора да биде разбрано дека кога ќе се влезе во процес на реформи тие треба да се направат целосно. Затоа што најчесто досега се случуваа реформи кои што ќе тргнеа до некаде меѓутоа не се комплетираа. Тоа особено можам да го потенцирам кога се издвои АНБ од Министерството за внатрешни работи, каде што се направија добри решенија меѓутоа не до крај и особено во делот на надзорот и контролата и внатрешната и надворешната која од некои причини не се случи со Законот за национална безбедност.“, вели Трпе Стојановски.

Премиерот Мицкоски деновиве рече дека спојувањето на безбедносните служби ќе се случи во наредниве неколку месеци, но не прецизираше кој ќе биде во раководните позиции, особено по смената на првиот човек на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу и неговата заменичка.
На ова реагираа од Европскиот фронт за тоа дека во Агенцијата за разузнавање нема застапеност на Албанците во раководните служби, особено по именувањето на Ивана Стојановска за која беше речено дека таа е поставена иако не ги исполнува потребните услови според Законот за Агенцијата за разузнавање а други кандидати се одбиени и покрај тоа што целосно одговарале на дадените критериумите.

Од коалицијата ВРЕДИ на ова тогаш одговорија дека по реформата, нивниот предлог за заменик директор во Агенцијата за национална безбедност ќе биде и заменик на интегрираната разузнавачка служба.