Што покажа извештајот на ДЗР за онкологија? – Докторите селективно одлучувале кој ќе прима терапија а кој не

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Големи пропусти во работењето на Клиниката за онкологија, како што се неажурирана листа на лекови, можноста на самите доктори селективно да одлучуваат кој ќе прима биолошка терапија а кој не, но и немањето контрола во набавките на лекови, при што и покрај тоа што енормно биле зголемени трошоците за набавка на терапиите, резултати не се постигнати. Ова се само дел од забелешките наведени во Извештајот на Државниот завод за ревизија која директорот на оваа институција ги претстави пред членовите на Комисијата за финансирање и буџет.

„Во 2023 година вредноста на обезбедените од 2021 година кој што изнесува 481 милион и 589 илјади денари е зголемен на една милијарда и 200 милиони денари. Меѓутоа што укажува ваквата состојба. Поради неразграничување на надлежностите и отсуство на пишани процедури и протоколи за начинот на постапување и доделување на биолошката терапија се создава можности самиот доктор да одлучува кој пациент ќе биде приклучен на соодветна биолошка терапија или не“, вели Максим Ацевски.

Првиот ревизор укажа и на тоа дека набавките на биолошката терапија биле несоодветно вршени за што имало постојано зголемување на барања на средства од Фондот за здравство.

„Ова укажува дека се преземени обврски во износ од 5 милиони и 735 илјади и 280 евра над одобрениот условен буџет од страна на Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Во исто време воспоставена е пракса самите медицински лица да преземаат активности да вршат набавка на потребната биолошка терапија на име реверс пред да биде пристапено кон склучување на договор за јавна набавка“, порача Максим Ацевски.

Според претседателот на Комисијата Бојан Стојановски, во овој случат се работи за организиран систем за тргување со лекови и затоа бара истрагата да биде проширена и да се одреди притвор.  Рече дека иако бил повикан на седницата и јавниот обвинител Љубомир Јовевски тој не се појави.

„Внатре во оваа институција можеби се менувале менаџментите но тој инсталиран систем за лично богатење и убиство, буквално убиство на пациентите бил организиран на многу повеќе од 7 лица за кои што во моментов не известија дека се води истрага. Затоа што тоа не е завршено заклучно со денот во кој што излезе овој случај, туку тоа се уште трае секојдневно и во моментов додека седиме тука оваа организирана криминална банда која што убивала луѓе за профит се уште продолжува да работи затоа што никој од нив не е оддалечен и има можност да ги прикрие доказите и да влијае на сведоците“, вели Бојан Стојановски.

Скандалот со Клиниката за онкологија се отвори и на Комисијата за финансирање и буџет преку разгледување на Извештајот од Државниот завод за ревизија за работењето на оваа Клиника. Инаку ова е прв пат да се разгледува ревизија на оваа институција во работните тела на Собранието.