Во овој договорот со Велика Британија е наведена рамката за соработка, дека ќе трае 10 години, но и наведени се проектите кои би требало да се финансираат со петте милијарди фунти или шест милијарди евра. Во Анексот А на договорот се веќе познатите проекти како брзата железница Гевгелија – Табановце, болниците во Штип, Тетово и Кичево, но и хидроцентралите Чебрен и Галиште.
Новина е реконструкцијата на Универзитетскиот клинички центар и градски болници во Скопје, но и во регионот Охрид – Струга. Исто така, новина е и финансирање на Транспортниот Коридор 8, како и сајбер безбедност и дигитална трансформација.

Но, за јавноста остана непозната каматата која ќе се плаќа на земените пари. Според премиерот Христијан Мицкоски и не може во моментов да се знае каматата, бидејќи таа ќе се утврдува различно за секој проект. Но, вели дека таа ќе биде пониска од таа што ни ја овозможува кредитниот рејтинг на државава, кој е два Б (ББ) и ако се комбинира со шестомесечниот ЕУРОИБОР – от кој е 2,1 отсото, би била во најдобар случај 4,5, а во најлош случај 6,5 отсто годишно.
„Она што можам да го кажам е дека вкупната каматна стапка ќе биде пониска од долната маргина, што ја кажавте со таа банка. Но дали таа ќе биде, ќе видиме. Вкупната. Трошоци за обработка на кредит, провизија, ефективна каматна стапка, ова што го кажавте вие, капитализација. Вкупната ќе биде пониска од долната маргина, што вие ја кажавте. Знаете зашто? Затоа што не гарантираме ние со нашиот кредитен рејтинг, тука Обединетото Кралство со неговиот кредитен рејтинг.“, изјави Мицкоски.
Велика Британија во моментов има кредитен рејтинг од два А (АА), што значи дека во идеален случај кредитите кои ги зема оваа држава се ЕУРОИБОР плус 0,4 отсто или вкупно 2,5.

Мицкоски објасни дека на каматата ќе влијаат и тоа кој ќе ги даде парите, односно проектите ќе ги финансира онаа банка или финансиска институција која ќе понуди најниски трошоци.
„ Доколку Министерството за финансии, откако претходно ќе добие барање од страна на институциите кои што се носители на проект, да речеме Македонски железници инфраструктура или Министерството за здравство за болници, ќе излезе на меѓународен пазар и ќе има конкурентен дијалог еве зацртавме со 18 до 20 потенцијални кредитодаватели. Меѓу нив ќе бидат и европските банки. Оној кој што е подготвен да финансира вакви проекти со одредена и конкурентна каматна стапка, ќе биде избран. Не можеме ние од сега да знаеме дали таа финансиска институција со која што ние преговаравме, ќе биде најконкурентна. Таа ќе биде избрана само под услов да биде најконкурентна“, вели Мицкоски.
Исто така Договорот предвидува соработка во безбедноста и предвидува британска компанија од воениот сектор да отвори погон во државава кој годишно ќе има извоз од половина милијарда евра.
