Што стана со планот за туристички развој на Липково? – По две години почна асфалтирањето на патот кон липковската брана

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на општина Ликово, Еркан Арифи пред две години вети дека има проект за асфалтирање на патот кој води до браната Глажња. Конечно, по две години чекање, започнаа градежните активности на терен. Вицепремиерот Артан Груби, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заменикот-министер за транспорт и врски и пратеници дојдоа за да видат како тече работата за овие 3 и пол километри.

„Вкупната должина на трасата е 3,5 километри во вредност од 54 милиони денари со времетраење од 11 месеци за целосна реализација на овој проект“, вели Беким Реџепи.

Овој пат води до Липковската брана која се користи и како туристичко место. Градоначалникот на Липково, Еркан Арифи, признава дека изградбата на овој пат е дамнешно барање.

„Станува збор за дамнешно барање на жителите на општина Липково, бидејќи на ова место имаме две брани, Липковската и браната Глажња, кои имаат за цел да го развијат планинскиот туризам за нашата општина“, посочи Еркан Арифи.

Пред две години, Арифи за ТВ21 изјави дека изготвил урбанистички план за местово да го претвори во туристичка дестинација, но засега нема ништо од ова ветување.

„Урбанистичкиот план за браната Глажња, кој всушност започна во 2015 година заглави во Управа за водостопанство од причина што нема заштитна зона кај браната Глажња, а мислење и согласност мора да се добие од таа Управа за постапката да продолжи, да се заврши и одобри урбанистичкиот план“, додаде Еркан Арифи.

Арифи тврди дека добил ветување од Управата за водостопанство дека ќе уредат заштитна зона кај браната Глажња за да може да се финализира урбанистичкиот план. Во текот на асфалтирањето на патот од гробиштата во село Липково до браната Глажња ќе се санира и атмосферската канализација, тротоарите и јавното осветлување.