Предлогот на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел за Европска геополитичка заедница за која и самиот тој говореше при неговата посета на дел од земјите на Западен Балкан, станува се поприсутна во државите кои отворено бараат почеток на преговорите со Европската унија. Мишел ова го порача и при неговата вчерашна посета на Тирана каде рече дека тоа би бил еден вид приближен пристап за нивна поголема соработка со Европската унија, иако не е сосема јасно што точно би значело тоа. Дали останува еден вид чекална или пак алтернативен начин за да се задржат земјите во орбитата околу Унијата, откако повторно се најавува дека и во јуни ќе има разочарување наместо преговори.
„Направивте се што е можно за да ги надминете предизвиците. Од друга страна, важно е да не се чека конечната одлука. Една идеја е асоцијативните членки, т.е. грубо,приближен пристап за потребните формати што ќе ги имаме, за да се запознаеме подобро еден со друг, да ги разбереме потешкотиите и да се грижиме еден со друг. Да сме конкретни и оперативни“, вели Шарл Мишел.
Се чини дека и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервјуто во Топ Тема како се уште да нема конкретен одговор што ова би значело за евроинтегративниот процес за Македонија. Сепак вели дека ние не отстапуваме од нашите барања за членство во Унијата.
„Идејата на претседателот Мишел за динамизирање на процесот на пристапување. Значи да не биде тоа прашање само додека не сте членки немате никакви права ниту обврски а кога ќе станете членки ги имате сите права и обврски. Во таа насока го гледам ова околу геополитичкиот момент на комуникација. Нашиот став е дека освен полноправно членство се друго за нас е неприфатливо. Но патот до тоа членство гледаме дека е долг и тежок. Дали ќе трае уште 5 или 10 години или 15 тоа никој не може да го предвиди“, вели Бојан Маричиќ.
А, бугарската партија ВМРО БНД на поранешниот министер за одбрана Красимир Каракачанов денеска организираше протести против евентуалното тргање на ветото од Бугарија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Демонстрантите носеа пароли и извикуваа – И порано и сега Македонија е бугарска. Премиерот на Бугарија Кирил Петков вчера го повика претседателот Руменд Радев да свика состанок на Советот за безбедност на кој ќе се разговара за Македонија. Воедно порача дека тој самиот не може да го крене ветото, туку целата постапка треба да оди преку нивното МНР, но и Собранието.
