Седумкратниот првак во Формула 1, Михаел Шумахер наводно ја напуштил Швајцарија, и се преселил на Мајорка, пишуваат шпанските и италијанските медиуми.
Се претпоставува дека Шумахер сега е на Мајорка, каде што е во вилата која неговата сопруга ја купила од претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез во 2017 година за 30 милиони евра.
Тамошните медиуми за селидбата на Шумахер ја пренесоа потпирајќи се на изјавите на поранешната сопруга на Флавио Бријаторе, Елизабет Грегорачи која рекла: „Михаел не зборува, комуницира само со очите. Само три лица може да го посетат, и јас знам кои се тие“.
Во 2014 година, една година по несреќата, Шумахер се сели во Швајцарија каде е на рехабилитација крај езерото во Женева, но многу малку се знае за неговата здравствена состојба.
Познатиот неврохирург Ерих Ридерер неодамна кажа мислење за состојбата на Михаел:
„Мислам дека се наоѓа во вегетативна состојба, што значи дека е буден, но не реагира. Тоа значи дека дише, неговото срце чука, може да седне и да направи некој чекор со помош. Но, верувам дека тоа е неговиот максимум. Постои ли шанса да го видиме истиот како пред несреќата? Мислам дека не“, рече Ридерер во изјава за француската телевизија ТМЦ.