Претседателката на Гордана Силјановска-Давкова денеска ја оцени како историска првата официјална посета на швајцарски претседател на земјава, по средбата со Ги Пармелан.
Таа нагласи дека посетата претставува значаен сигнал за важноста што Швајцарија му ја придава на Западен Балкан, но и поттик за унапредување на билатералните односи со Северна Македонија. Според неа, швајцарскиот модел е инспиративен пример за демократија, со развиена партиципативна култура, локална самоуправа и механизми на директно учество на граѓаните.
Силјановска-Давкова посочи дека двете држави бележат напредок во дијалогот, кој се темели на меѓусебна почит, со намера таквиот пристап да продолжи во рамки на меѓународните организации како ОБСЕ, Обединети нации и Совет на Европа. Таа истакна дека мирот и безбедноста се клучни приоритети, особено за малите држави, каде мултилатерализмот има суштинско значење.
Од своја страна, Пармелан изрази жалење што толку долго се чекало на ваква посета, но оцени дека таа доаѓа во момент кога односите меѓу двете земји се во нагорна линија. Тој нагласи дека двете држави ги поврзува мултикултурноста, како и силната дијаспора од Северна Македонија во Швајцарија, која придонесува за културната разновидност.
Швајцарскиот претседател потенцираше дека постои интерес за продлабочување на соработката, особено во областа на економијата, инвестициите и иновациите, додавајќи дека регионот на Западен Балкан има значајно место во швајцарската надворешна политика. Тој ја повтори поддршката за европските интеграции на земјите од регионот, оценувајќи ги како клучен фактор за стабилност и просперитет.
Пармелан истакна дека швајцарската програма за соработка, предвидена до 2028 година, има за цел да ја поддржи Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија.
Во рамки на посетата, швајцарскиот претседател ќе оствари средби и со премиерот Христијан Мицкоски, како и со претседателот на Собранието Африм Гаши.
