Шведскиот производител на одбранбена опрема „Сааб“ вчера потпиша договор за испорака на 16 борбени авиони „Грипен Е“ на Украина, во вредност од околу 24,6 милијарди шведски круни, или 2,54 милијарди долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави на Телеграм дека постигнатиот договор со шведскиот премиер Улф Кристерсон вклучува купување на 16 авиони „Грипен Е“, како и техничка поддршка.
„Сааб“ објави дека испораките на моделот авион „Грипен Е“ се планирани за 2029 и 2030 година. Во меѓувреме, според Зеленски , испораките на постарите модели „Грипен C/D“ ќе започнат на почетокот на 2027 година.
Зеленски додаде дека за време на вчерашниот состанок во Киев со шведскиот министер за одбрана Пол Јонсон, било разговарано за спроведувањето на договорот и пошироката соработка во областа на одбраната, вклучително и проекти поврзани со беспилотни летала и ракетна одбрана.
Британските медиуми нагласуваат дека овој договор се разликува од планот што го презентираше Зеленски во мај, кога тој изјави дека Украина ќе купи 20 авиони „Грипен Е“, додека Шведска ќе обезбеди и 16 авиони „Грипен“ од постари модели за да ги поддржи воените напори на Киев против Русија.
Според претходните извештаи, Украина ќе го финансира купувањето на шведски борбени авиони преку кредитниот пакет на Европската унија во вредност од 90 милијарди евра.
