Кина и Русија упатија заеднички критики кон САД, обвинувајќи ја администрацијата на Доналд Трамп за „неодговорна“ нуклеарна политика и за плановите за систем за противракетна одбрана „Golden Dome“, за време на заеднички самит одржан денеска. Настанот се случи една недела по посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Трамп во Пекинг.
Во заедничка изјава, Си и рускиот претседател Владимир Путин оценија дека американскиот план за копнен и вселенски систем за пресретнување ракети претставува закана за глобалната стратешка стабилност. Тие, исто така, ја критикуваа САД поради истекувањето на последниот договор што го ограничуваше големината на нуклеарните арсенали на САД и Русија, кој истече во февруари без реакција од Вашингтон на руската понуда за едногодишно продолжување.
Си и Путин, кои се сретнале повеќе од 40 пати, ја нагласија блискоста на односите меѓу двете држави, зацврстени со стратешкиот договор потпишан во 2022 година, само неколку недели пред руската инвазија врз Украина.
За Си Џинпинг, оваа средба претставува кулминација на дипломатска недела во која Кина се обидува да се прикаже како стабилизирачка сила во свет со засилени трговски и воени тензии.
Иако разговорите со Трамп биле фокусирани на управување со односите меѓу двете најмоќни земји во светот, состанокот со Путин се однесувал на продлабочување на веќе прогласеното „безгранично“ партнерство меѓу Москва и Пекинг.
Сепак, не е постигнат значаен напредок околу проектот за нов голем гасовод „Power of Siberia 2“, кој двете страни го разгледуваат со години. Москва претходно сигнализираше интерес за дополнителни енергетски договори со Кина, најголемиот купувач на руска нафта.
Кинеската страна засега дава ограничени јавни коментари за проектот, а Си Џинпинг изјави дека енергетската соработка треба да претставува „баласт-камен“ во билатералните односи, без директно да го спомне гасоводот.
Кремљ соопшти дека е постигнато „општо разбирање за параметрите“ на проектот, но без конкретни детали или временска рамка.
За време на посетата во Пекинг, Си го пречека Путин со почесна гарда и топовски поздрав во Големата сала на народот, додека деца мавтаа со кинески и руски знамиња.
Двајцата лидери потпишаа заедничка изјава за зајакнување на стратешката координација и декларација за мултиполарен светски поредок, предупредувајќи дека меѓународниот систем се соочува со нови ризици, фрагментација и враќање на „законот на џунглата“.
