Сиљановска-Давкова на Меѓународниот ден на лицата со попреченост во посета на училишнот ресурсен центар „Партенија Зографски“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја посети Државното средно училиште со ресурсен центар „Партенија Зографски“ – Скопје, кое годинава одбележува 70 години постоење.

На свечениот настан, кој се одвиваше и на знаковен јазик, директорката на училиштето ја претстави историјата и успесите на институцијата, истакнувајќи го значењето на генерациите професори и ученици чија желба за учење била крунисана со бројни награди, пехари и медали.

Претседателката Сиљановска-Давкова изрази голема благодарност и задоволство што можеше да го прослави овој важен ден со учениците и наставниците. Таа посака отворање повеќе вакви училишта и потенцираше дека уставно е загарантирана еднаквост и право на средно образование за сите граѓани.

„Размислувам дали со помош на дигитализацијата и вештачката интелигенција, учениците со оштетен слух и говор во иднина не би можеле да се вклучат и во редовните образовни институции“, изјави претседателката, додавајќи дека потребно е да се зголеми употребата на знаковниот јазик и да се развиваат повеќе експерти и преведувачи.

Таа исто така ја истакна потребата од афирмативна акција за лицата со попречености во државната администрација, образованието, здравството, културата и другите области, со цел нивна целосна општествена интеграција и придонес во развојот на општеството.

Учениците преку ликовната, машинската и текстилната работилница ги презентираа своите таленти, создавајќи цртежи, практични предмети и уникатни облеки, додека мултисензорската соба се покажа како омилено место за мир, медитација и имагинација. Претставата „ЕУРЕКА“ ја демонстрираше моќта на знаковниот јазик и јазикот на телото како средство за изразување на уметничкиот дух и креативност на учениците.

Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека „попреченоста“ е само различност и дека образованието и учењето треба да се адаптираат на специфичните потреби на учениците за да се откријат и развиваат нивните таленти. Таа посочи дека државата има одговорност да овозможи средина во која секое „посебно“ својство ќе може да дојде до израз.

Настанот беше незаборавен за сите присутни, како ученици, така и професори, а посетата на претседателката го потенцира значењето на инклузивното образование и поддршката на лицата со попречености.